Зошто онлајн обуки?
Во Здружение СОЛЕМ веруваме дека вистинското прифаќање на лицата со попреченост започнува од најраната возраст – во градинките и училиштата. Кога децата од мали нозе ќе научат дека некои другарчиња се разликуваат од нив и дека тоа е сосема во ред, тие растат како личности кои се отворени за пријателство, разбирање и поддршка.
Нашите обуки се создадени токму со таа цел – да ги поддржат воспитувачите и наставниците во градењето инклузивни средини каде секое дете е прифатено и вреднувано. Се потпираме на повеќе од една деценија искуство со директна работа со лица со попреченост, што ни овозможува да понудиме практични, реални и применливи знаења – нешто што често недостасува во формалното образование на идните наставници.
Обуките ги реализираме онлајн затоа што внимателно ги слушнавме потребите на наставниците. Знаеме колку се ангажирани и колку им е важно професионалниот развој да можат да го следат кога ним им одговара – без дополнителен притисок и без губење драгоцено време. Темите се одбрани во консултација со самите наставници, фокусирајќи се на реални предизвици и можности од нивната секојдневна практика.
Онлајн форматот ни овозможува да стигнеме до воспитувачи и наставници од сите делови на Македонија. Нашата платформа е едноставна за користење, овозможува флексибилно следење на содржините, прикачување на документи и добивање сертификати.
Цените на обуките се пристапни, затоа што нашиот фокус не е профитот, туку импактот. Посакуваме што поголем број наставници да добијат можност да се оспособат за инклузивна работа со сите деца. Дополнително, со средствата собрани од обуките финансираме работилници и иницијативи во кои директно работиме со лица со попреченост – вложувајќи назад во заедницата.
Достапни обуки