Често постои конфузија околу разликите помеѓу аутистичниот спектар на нарушувања (ASD) и нарушувањето на вниманието и хиперактивност (АДХД). Иако двете состојби се невроразвојни нарушувања, тие имаат различни карактеристики кои влијаат врз развојот, учењето и социјалните вештини на децата.
Што е аутизам, а што е АДХД?
Аутизмот е нарушување кое влијае врз социјалната интеракција, комуникацијата и однесувањето, а често се карактеризира со повторливи движења и ограничени интереси. Од друга страна, АДХД главно се манифестира преку невнимание, импулсивност и хиперактивност, што може да создаде тешкотии во образованието и секојдневното функционирање.
Според истражувањата, околу 9% од децата на возраст од 3 до 17 години имаат АДХД, додека 1-2% од луѓето низ светот се соочуваат со аутизам. Иако аутизмот е поредок, важно е да се знае дека двете состојби можат да се појават истовремено кај едно дете.
Пример од училница: Како изгледаат предизвиците во пракса?
Замислете го Јован, кој има комбинирана дијагноза на аутизам (ASD) и АДХД. Во одделението на Јован има 25 деца и е во средина каде што треба да учи букви, да следи упатства и да учествува во активности со врсниците.
Некои од предизвиците што ги доживува се:
- Сензорни потешкотии: инсистира секој ден да носи исти алишта, што е типично за аутизмот.
- Одложено процесирање на информации: дига рака за да побара дозвола неколку секунди по своите врсници.
- Потешкотии со следење на упатства: не се сеќава каде ги остава своите работи.
- Социјална изолација: другите деца го одбиваат и не сакаат да седат до него, што е често кај деца со ASD и AДХД.
Како се разликуваат симптомите?
Иако некои од симптомите можат да се преклопуваат, разликите се значајни:
Симптом | АДХД | Аутизам |
Невнимание и лесна одвлеченост | ||
Интензивен фокус на одреден предмет или активност | ||
Импулсивност и хиперактивност | ||
Повторливи движења (лулење, вртење) | ||
Потешкотии со разбирање социјални знаци | ||
Недостаток на контакт со очи |
Како се дијагностицираат и третираат?
До 2013 година, Американското здружение за психијатрија сметаше дека ASD и AДХД не можат да се дијагностицираат кај исто лице. Денес, знаеме дека 30-50% од децата со аутизам имаат и АДХД.
Иако нема лабораториски тестови за овие состојби, дијагнозата се поставува врз основа на клиничко набљудување и развојна историја. Некои од најефективните пристапи вклучуваат:
- Когнитивно-бихејвиорална терапија (КБТ)
- Тренинг за социјални вештини
- Дефектолошка и сензорна терапија
- Прилагодени образовни програми
Совети за наставници: Како да поддржите дете со аутизам и/или АДХД во училница
1. Останете доследни во рутините
Децата со аутизам или АДХД многу подобро функционираат кога рутината е јасна и предвидлива. Користете визуелни распореди и најавете однапред ако има промена во активностите.
2. Давајте едноставни и конкретни упатства
Избегнувајте сложени реченици или двојни инструкции. На пример: „Земи ја книгата и седи тука“ е подобро од „Подготви се за читање“.
3. Проверете дали детето ја разбрало инструкцијата
Понекогаш детето ќе ви кимне со глава, но нема целосно да разбере. Прашајте: „Што треба сега да направиш?“ или „Каде ќе одиш сега?“
4. Создадете прифатлива средина за сензорни предизвици
Ако детето секој ден носи ист тип облека или избегнува гужва, тоа може да е знак на сензорна пречувствителност. Обидете се да не го казнувате за вакво однесување.
5. Охрабрете прифаќање и емпатија кај другите ученици
Кратки разговори со класот за различноста и почитта (без да се спомене конкретно детето) можат да помогнат во спречување на изолација и исмејување.
6. Соработувајте со стручна служба и родителите
Редовна комуникација со педагог, психолог или специјален едукатор е клучна за навремена поддршка. Родителите често имаат увид во тоа што најдобро функционира за нивното дете.
7. Фокусирајте се на силните страни
Секое дете има таленти и интереси. Кога ќе ги откриете, тие можат да бидат мост за вклучување во наставата и активностите.
Заклучок
Иако аутизмот и АДХД имаат слични карактеристики, важно е да се направи јасна разлика за правилна поддршка и интервенција. Со рано препознавање и соодветен пристап, децата можат значително да ги подобрат своите социјални, академски и секојдневни способности.
Доколку сакате да дознаете повеќе за поддршката на децата со аутизам и АДХД, пишете ни и пријавете се за нашата обука „Користење на јазик фокусиран на силните страни на детето“.
Напишете коментар