Во училница полна со детски гласови, движења и енергии, често има едно дете што „шета“, друго што лесно „експлодира“, трето што е премногу повлечено. Иако на прв поглед изгледаат различно, сите тие деца испраќаат иста порака:
„Тешко ми е да се справам во оваа средина“.
Во вакви ситуации, првиот термин што го слушаме е АДХД. И тоа не е случајно – однесување кое е немирно, импулсивно или дезорганизирано е типичен опис на ова невроразвојно нарушување. Но она што почнуваме сè повеќе да го разбираме како професионалци е дека однесувањето само по себе не ни кажува доволно.
Има деца кои изгледаат како да имаат АДХД, но всушност имаат нарушувања во сензорната интеграција. Разликата е суптилна, но клучна – и прави разлика меѓу тоа дали ќе им дадеме вистинска поддршка, или ќе ги втурнеме во уште поголем стрес.
Како изгледа сензорниот профил во училницата?
Во нашата практика со процена на сензорни системи, често гледаме деца кои:
- Постојано стануваат, се нишаат или паѓаат од стол – бидејќи нивниот вестибуларен систем бара дополнително движење за да се регулира.
- Се буцкаат, се туркаат, имаат потреба од интензивен допир – знак на потреба од проприоцептивна стимулација.
- Се покриваат со качулка, одбиваат да пишуваат, бегаат од гласни звуци – индикации за сензорна преосетливост на допир, слух или светлина.
Во сето тоа, лесно е да се заклучи дека детето „има проблем со вниманието или однесување“. Но, ако не го разбереме зошто тоа внимание е нарушено, ризикуваме да работиме на последицата – а не на причината.
АДХД и нарушувањата во сензорната интеграција не се иста работа, но многу често коегзистираат. И двата предизвици вклучуваат тешкотии со саморегулација, но механизмот е различен.
Кај сензорната интеграција, причината е во начинот на кој мозокот ги прима и организира сетилните дразби.
Затоа едно дете може да „експлодира“ во гужва – не затоа што е импулсивно, туку затоа што неговиот сензорен систем е преоптоварен.
Истражувањата на д-р Бијанка Ачеведо покажуваат дека децата со висока сензорна чувствителност имаат поинаква активација во мозочните области поврзани со емоции, телесна свесност и длабинска обработка на информации. Тоа значи дека тие доживуваат повеќе – и подлабоко – од просечното дете. Тоа не е слабост, туку специфичност што бара соодветна поддршка.
Што можеме да направиме?
Како наставници, воспитувачи и стручни служби, нашата улога не е да поставуваме дијагнози. Но треба да разликуваме модели во однесувањето и да ги разбереме сензорните потреби на детето.
Дали станува збор за дете кое реагира бурно на звук, светло или допир?
Дали се смирува кога му дадеме проприоцептивен стимул?
Дали избегнува активности со фина моторика, или се повлекува во ситуации со премногу надразнувачи?
Овие прашања не се теоретски – тие се алатка во секојдневната пракса.
Ниту едно дете не сака да биде „лошо“. Но секое дете сака да биде разбрано.
Разликувањето помеѓу АДХД и сензорни тешкотии не е етикетирање – туку патека до соодветна поддршка.
А понекогаш, вистинското прашање не е „што не е во ред со ова дете“, туку:
Што му треба на неговиот нервен систем за да се чувствува безбедно и регулирано?
Напишете коментар