Автор: Карол Сток Крановиц, M.A.
Ажурирано на 14 февруари 2025
Кога сензорните нарушувања се мешаат со АДХД
Моето запознавање со нарушувањето во сензорната обработка (SPD) започна додека работев како наставничка. Некои деца едноставно изгледаа „надвор од ритам“, а јас не можев да сфатам зошто. Што им беше толку страшно во звукот на ѕвончето? Зошто некои деца го избегнуваа игралиштето, додека други не сакаа да си заминат? Едно дете никогаш не ги подигаше стапалата од земја. Помислив: дали е АДХД? Но, тоа не ми се вклопуваше. Кога дознав за нарушувања во сензорната обработка, очите ми се отворија – конечно разбрав низ што минуваат тие деца.
Осум сетила – и сите можат да бидат нарушени
Имаме осум сетила. Познати се класичните пет: вид, слух, мирис, вкус и допир. Но тука се и другите три:
- Вестибуларното сетило – го лоцира нашето тело во просторот, чувствува движење, рамнотежа, забрзување и дали паѓаме.
- Проприоцепција – ни кажува како се движат нашите мускули и зглобови, како да се облечеме или да се качиме по скали.
- Интероцепција – ги чувствува внатрешните процеси: глад, жед, потреба за тоалет, забрзано чукање на срцето итн.
Како функционираат сетилата – кога функционираат правилно
Сетилата пред сè нè штитат – на пример, не предупредуваат дека топка ни доаѓа кон главата и треба да се наведнеме.
Потоа ни овозможуваат учење – гледајќи други како играат фризби, учиме како и ние да го фатиме.
Следно, тие нè водат кон задоволство – ги повторуваме активностите што ни претставуваат задоволство.
И конечно, ни овозможуваат дејствување – ги користиме сетилата за да планираме и изведеме конкретна активност.
Кога сетилата „испраќаат“ погрешни сигнали
Сензорното нарушување (SPD) ги попречува овие четири основни функции: реагирање, учење, задоволство и дејствување.
Кај сензорното нарушување, мозокот сензорните дразби ги обработува атипично:
- некогаш доцни со реакција,
- понекогаш не реагира воопшто,
- а некогаш реагира сосема погрешно.
Резултатот е тоа што телото и умот не реагираат како што би требало – и тоа предизвикува бројни потешкотии.
Три типа на сензорни нарушувања
Сензорното нарушување не е едноставно нарушување – се дели на три главни категории, секоја со свои подтипови. Едно дете може да покажува знаци од повеќе категории, што дополнително ја комплицира дијагнозата.
Важно е да се направи разлика меѓу:
- Нарушување во сензорната обработка (SPD) – вклучува тешкотии со регулација и функционалност;
- Сензитивност при сензорна обработка (SPS) – биолошка особина со продлабочена чувствителност, но без нарушена регулација.
1. Нарушување на сензорната модулација
- Пречувствителност („избегнувач“) – Детето бега од сензорна стимулација: ги покрива ушите, ги затвора очите, се крие. За него, секој звук или допир е премногу.
- Недоволна чувствителност („незаинтересиран“) – Не забележува бучава, светлина, топло/ладно. Делува отсутно, но всушност не ги регистрира дразбите.
- Потрага по сензации („барач“) – Сака што е можно повеќе сензорни дразби. Се удира, трча, се лула, се качува – и тоа постојано.
2. Потешкотии со сензорна дискриминација
Овде детето има тешкотии да ја процени околината и не ја користи претходната искуствена информација. На пример, секој ден ја крева истата кофа со вода, но секогаш ја греши – или се истура, или не може да ја подигне. Таквите деца често се засрамени, бидејќи другите ги сметаат за неспретни.
3. Нарушување на моториката засновано на сетила
- Постурално нарушување („влечко“) – Детето тешко се движи стабилно, често паѓа, не може да ја премине средната линија на телото, ниту да го координира левата и десната страна.
- Диспраксија („неснаодлив“) – Тешко планира и изведува движења. Ако му дадете кутија, нема идеја што да прави со неа. Избегнува нови игри бидејќи бараат нов моторен план, што му е тешко.
Дали моето дете или ученик има SPD? Ставете ги „сензорните очила“
Погледнете ги однесувањата на вашето дете преку „сензорни очила“:
- Бара ли повеќе допир/движење од другите?
- Го избегнува ли секојдневниот допир
- Има ли потешкотии во средини со повеќе дразби?
Сличности меѓу SPD и АДХД
Најзабележливите симптоми на SPD се:
- невнимание,
- хиперактивност
- импулсивност.
Звучи познато?
Многу често, SPD се меша со АДХД.
Но што ако детето не е хиперактивно, туку не може да седи поради лоша реакција на својата столица? Ако вестибуларниот систем му сигнализира дека ќе „падне од светот“? Овие суптилни разлики се клучни.
Малите деца не знаат како да го објаснат тоа. Затоа ние, возрасните, треба внимателно да ги набљудуваме и да ги поставиме вистинските прашања.
Што можат да направат родителите
Започнете со слободна, спонтана игра, особено на отворено.
Нема подобра сензорна интеграција од природна игра без строги правила.
Познатата експертка д-р Жан Ајрес вели:
„Забавата е детскиот збор за сензорна интеграција.“
Колку повеќе детето игра и истражува – толку развива посилна сензорна регулација и развој на мозокот.
Моќта на допирот
Правилниот допир може да биде многу смирувачки.
Ако детето има испад, прегрнете го цврсто или нежно притиснете му го грбот и нозете.
Научете го самостојно да се смирува: со стискање на рацете, рамената или нозете – тоа дава длабока, смирувачка стимулација.
Третман за сензорна интеграција
Најефективниот пристап е третманот за сензорна интеграција.
Секој третман е индивидуален – насочен кон потребите на детето.
На пример, кај дете кое избегнува стимулации со допир, терапевтот може да скрие играчка во пена за бричење – за да го мотивира да допре нова текстура. Ова го зајакнува одговорот на сензорните дразби и постепено ја гради толеранцијата.
Што ако се сомневате дека вашето дете има SPD?
Истражувањата покажуваат дека и до 40% од децата со SPD имаат и АДХД – и обратно.
Токму затоа е важно третманот да биде индивидуализиран.
Лековите за АДХД нема да помогнат за SPD.
Но третманот за сензорна интеграција може да помогне и на деца со АДХД – дури и ако тоа не е единствениот проблем.
Совет:
Направете проценка на сензорната интеграција и почнете со третман за сензорна интерграција, доколку има потреба од тоа.
Ако симптомите на АДХД продолжат, разгледајте и дополнителни интервенции.
Не ви треба веднаш формална дијагноза. Понекогаш и само неколку сесии со терапевт можат да помогнат многу.
Дури и деца без SPD ќе имаат корист – бидејќи скоро сите деца уживаат во сензорна интеграција.
Напишете коментар